Новинарски екипи од неколку медиуми се спречени од полицијата да стигнат во Гошинце, каде што ноќеска, според МВР, вооружени напаѓачи со ознаки на УЧК нападнале караула. Образложението на полицијата е дека новинарите не смеат да одат во зоната по браната на Липковско Езеро, поради безбедносни причини.
Инаку, Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека 40 – тина вооружени лица во раните утрински часови ја нападнале станицата на македонските сили за безбедност во село Гошинце, општина Липково, во северниот дел на Македонија во близина на границата со Косово.
Портпаролот на МВР Иво Котевски на прес конференција во Скопје ова го оцени како терористички напад.
Тој изјави дека тие носеле ознаки на УЧК, дека дошле од Косово и наводно го одзеле оружјето и мобилните телефони од станицата.
Според Котевски, вооружените лица на полицајците им рекле дека Груевски и Ахмети нема да ги спасат и оти сакаат своја држава.
Извор: makdenes.org