СДСМ и здружената опозиција не го признаваат изборниот процес ниту за парламентарните, ниту за избор на претседател на државата и бара итно формирање техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер претседателски и парламентарни избори во земјава, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неколку минути по затворање на избирачките места, кога пребројувањето на гласовите од денешниов изборен ден не беше започнато.
Поради сите овие причини, независно од изборните резултати, во име на опозицијата предводена од СДСМ јасно порачувам: Во име на заштитата на волјата на граѓаните, на нивните гласови и нивните права, во име на заштитата на демократијата, човековите и цивилизациските вредности и придобивки во Република Македонија – овие и вакви криминални избори не признаваме! Бараме итно формирање техничка влада што ќе овозможи спроведување нормални и фер претседателски и парламентарни избори во земјава. Власта спроведе изборен грабеж. Нема член од Изборниот закон што власта не го прекрши. Нема. Сите членови и од Кривичниот законик што се однесуваат на изборите се прекршени. На овие избори власта го контролираше својот народ. Бараме и мора да се организираат избори на коишто народот ќе ја врати контролата во свои раце и ќе избере власт по сопствена волја и убедување, без притисоци, без уцени, без купување на гласачи. Без фер избори нема демократија. Без демократија нема просперитетна Македонија. Нема запирање. Нашата борба продолжува – порача Заев.