Во предвид се земаат односно се бројат гласовите на граѓаните што гласаат а тие што не гласаат не се ни бројат.
„Огромното видливо мнозинство на референдумот ќе ги даде насоките на пратениците. Одлучуваат тие што гласаат, тие што не гласаат не се ни бројат. Ако има и еден глас повеќе „Против“, ние го поништуваме Договорот. Ако има видливо мнозинство „За“ , треба да се очекува дека сите пратеници без разлика дали се власт или опозиција ќе го следат правецот кој ќе им го дадат граѓаните “ кажа денеска премиерот Заев.
Заев верува дека референдумот ќе биде успешен затоа што се работи за иднината на државата и ги повика лидерите на сите политички партии да се изјаснат како ќе постапат на денот на референдумот.
„Нашите одлуки, мојата, на Димитров ќе бидат безвредни ако народот не ги гласа. Затоа е убавината на референдумот. Ветувањето да се одржи референдум потекна од ВМРО ДПМНЕ уште од пред 12 години, а ние како СДСМ го прифативме и убаво е да го исполниме. Во страница 295 од Програмата на ВМРО ДПМНЕ пишува дека „само граѓаните на референдум ќе ја донесат одлуката и јас се согласувам 100 посто со тоа, исто така од Програмата на ВМРО ДПМНЕ пишува „мнозинството граѓани ќе одлучат“ и јас се согласувам сто посто. Ние всушност се согласуваме со ВМРО ДПМНЕ и верувам дека така ќе постапиме на денот на референдумот. Јас кажувам дека ќе гласам „ЗА„. Треба и другите политички лидери да ги кажат своите ставови затоа што водиме политички субјекти, наша одговорност е да носиме одлки и да им ги соопштуваме на граѓаните“ кажа Заев.