Премиерот Зоран Заев денес изјави дека не може со сигурност да каже дали во парламентот постои двотретинско мнозинство за уставните измени кои произлегуваат од договорот со Грција, но тврди дека постои такво расположение, пренесува Дојче Веле.
„Лично разговарав со пратеници, и видовме дека постои прогресивна маса на пратеници што е доволно сериозен мотив и причина да ги отвориме постапките“, рече Заев.
Тој очекува двотретинското мнозинство „да се формира по природен пат“, без никакви закани, притисоци или „пари“.
„Можам да верувам дека имаме, можам да верувам и дека немаме, но на крајот тоа треба да го провериме и треба да се потврди. Досега имаме доволна причина да веруваме дека има“, вели тој.
Заев повика сите да се носат со нивото на историската одговорност која е исправена пред нив, но ги демантираше изјавите на советник во Куманово од неговата партија дека двотретинското мнозинство е обезбедено.
Според македонскиот премиер, за земјата нема „план Б“, ниту алтернатива. За предвремени парламентарни избори не сака да зборува, затоа што смета дека „парламентот е вистинската опција“.
Владата вчера на вонредна седница одлучи да ги испрати уставните амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор во Собранието. Се работи за четири амандмани кои се однесуваат на придавката „северна“, на измени во преамбулата на Уставот, нови гаранции за границите, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осудија чекорот и порачаа дека „Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија“.