Премиерот Зоран Заев по денешната средба со Алтернатива рече дека во вторник ќе го свика одборот на СДСМ за да му се ефектуира оставката.
-Во вторник ќе го свикам Централниот одбор на СДСМ за да се констатира мојата оставка од претседател на партијата и со тоа да почне постапката за избор на нов претседател на партијата и мандатар на владата, рече Заев.
На средбата беше присутен и заменикот министер за финансии Димитар Ковачевски. На новинарско прашање дали тој е можеби следниот мандатар Заев одговори дека СДСМ сам ќе си одлучи кој ќе биде следен претседател.
-Димитар Ковачевски е актуелен заменик-министер за финансии. Тој е член Извршниот одбор, член на раководството на СДСМ. И денеска е во тоа својство овде. Секако тој е и претседател на Комисијата за финансии, член и на Штабовите на СДСМ и еден од моите први соработници. А СДСМ ќе си одлучи преку членството по пат на непосредни избори кој ќе биде следниот претседател на СДСМ, рече Заев.
Сепак, прашан зошто на средбата не е заменик-претседателката Сања Лукаревска или некој од потпретседателите на партијата, Заев одговори:
„Јас одлучив дека треба да го поканам токму Димитар Ковачевски да биде денеска со мене“.