Закони што мора да ги знаете доколку летувате во Грција


Кога патувате во Грција, за вас важат грчките закони кои мора да ги почитувате. Казните за прекршување на законите се високи, па покрај паричните казни, можете да завршите и во затвор. Следуваат дел од правилата и законите на кои треба да внимавате при посета на нашиот јужен сосед, пишува Правдико.

Непристојно однесување на јавни места не се толерира. Полицијата може да ве уапси, а судот да донесе висока парична казна, дури и во некои случаи затворска казна.bogorodica1

Употребата и поседување на какви било дроги, вклучувајќи и класа Ц дроги, може да резултира со долга затворска казна и висока парична казна.

Доколку сте со план да најдете работа во некој од баровите или ноќните клубови во Грција, задолжително е да имате лекарско уверение издадено од локалните власти. Доколку немате такво уверение следуваат високи казни.

Задолжително побарајте и земете сметка за сѐ што купувате и за сите услуги што ги добивате. Внимавајте посебно на пиратерија – можете да завршите во затвор.

Транспорт

Зборувањето на мобилен телефон додека управувате возило во Грција е забрането; Полицијата може да ја провери листата на повици при истражување на сообраќајни несреќи.

Возењето под дејство на алкохол е казниво со закон. Секоја општина има свои рестрикции и висина на казни, па тие се движат од 250 до 2000 евра, одземање на возачката дозвола па дури и казна затвор. Дозволеното ниво на алкохол во крвта е значително помало во споредба со кај нас, па дозволено е максимум 0,25 промили. За нови возачи (помалку од 2 години искуство), возачи на мотор/мопед и професионални возачи (возачи на такси, автобуси), дозволено е 0.10 промили алкохол во крвта. Полицијата може да ве застане во било кој момент и да изврши контрола.

Малите фирми што издаваат скутери и помали моторни возила, обично не ги осигуруваат нивните возила, па луѓето што ќе ги изнајмат се одговорни за штетите, па затоа е препорачливо добро да ги разгледате, по можност да ги сликате пред изнајмување. Бидете посебно внимателни доколку возите мотор – законот во Грција наложува носење на кацига.

Купување артефакти и дребулии

Грчките царински органи имаат строги прописи за извоз на антиквитети од Грција, вклучувајќи карпи од археолошките локалитети. Казните се движат од големи парични казни до затворска казна. Најголем дел од продавниците се внимателни при идентификување на нивните предмети за законски репродукции.

Не купувајте дребулии од продавачите на плажа – глоби и до 300 евра за купувачот. Станува збор за акција на грчката полиција против сивата економија, а посебно против продавачите од Африка. Стопанската комора на Пиреја и Здружението на хотелиерите на почетокот на сезоната обично делат флаери на туристите на седум јазици на која пишува: „Должни сме да ве информираме дека илегалното купување е противзаконско. Купувачите за тоа дело ќе бидат виновни и гонети и парично казнувани“.

Забрана за фотографирање

Владата на Грција забрани фотографирање на воени објекти; доколку не ја почитувате забраната може да ве уапсат.

Забрана за пушење

Според новиот закон што го воведе Грција, пушењето е забрането во јавни простории и е многу сличен на нашиот во Македонија. Глобите се движат до 500 евра доколку ве фатат како пушите во затворен објект – ресторан, кафуле и слично.

Царински ограничувања

Иако нема ограничувања на количината на алкохол и тутунски производи што може да се внесат во ЕУ земјите, цариниците најверојатно ќе ви постават прашања доколку имате повеќе од:

Тутунски производи:

– 800 цигари;
– 400 цигарилоси (макс. 3g една);
– 200 пури;
– 1кг тутун;

Алкохолни пијалоци:

– 10 литри алкохол над 22%;
– 20 литри алкохол под 22%;
– 90 литри вино (но не повеќе од 60 литри минерална вода);
– 110 литри пиво.

Овие количини може да бидат одземени од царината, доколку оценат дека ќе се користат за комерцијална употреба.

Други производи

– Лекови за лична употреба

– Лични работи за не–комерцијална употреба со вредност во висина од 430 евра при патување со авион или брод.

– Лични работи за не – комерцијална употреба со вредност во висина од 300 евра при патување по копно.

– Лични работи за не – комерцијална употреба со вредност во висина од 150 евра за патници под 15 години.

Извор: Правдико

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1