Законот за отпис на камати за неплатени сметки помина во Собранието


Собрaнието денеска го донесе Законот за отпишување камати за наплата на долгови што произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, поднесен од пратениците и од опозицијата и од владејачките партии.

Законот за отпишување на камата за наплата на долгови обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, што се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот.

Законот предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата.
Отпис на долговите, согласно законот, се врши врз доброволна основа од страна на доверителот.

Доверителите, кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната, односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на отпис на камата согласно член 3 од овој закон.

Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата што е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата. Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од осум дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот.

Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и нотарите (по предмети кои произлегуват од овој закон) и од услуги утврдени со член 1 од овој закон, по претходно прибавено мислење од Комората на извршителите и нотарите, ја донесува министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегување во сила.

Во рамки на 65 седница пратениците дадоа поддршка и на измените на Законот на државна статистика, дополнувањата на Законот на аудио-визуелни добра, измените на Законот за академија за наставници, на Законот за наставници во основните и средните училишта, дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, а во прво читање поминаа измените на Законот за нотаријат и измените и дополнувањата на Законот за извршување.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1