Запалено возилото на новинарот Зоран Милошески


Возилото на новинарот Зоран Милошески е запалено после полноќ од непознати сторители. Како што соопшти новинарот на својот фејсбук профил, возилото марка „сузуки свифт“ било паркирано во гаражата. Откако соседите го виделе пожарот интервенирала противпожарната единица.

Милошески од Прилеп кому ноќеска му беше запалено возилото бара надлежните што поскоро да ги откријат сторителите за овој и за случајот од пред една година, кога му беше запалена гаражата.

Имено, како што објави Милошески на својот профил на социјалните мрежи, ноќеска околу 1:20 часот по полноќ му било запалено возилото марка „сузуки свифт“, паркирано во семејната гаража. Противпожарната единица интервенирала откако соседите виделе дека неговото возило гори. Увид направила и прилепската полиција.

– Тешко е да се опише по непроспиената ноќ. Би рекол, ова е втора епизода по случајот од пред една година, кога ми е запалена гаражата. Синоќа целосно изгоре мојот автомобил. Мислам дека се работи за криминогена структура и криминогена политика, која се најде засегната од моите пишувања со години за локалните политички случувања. Мислам дека е ова порака не само до мене, до пошироката јавност, туку и до другите новинари, па и до граѓаните дека некој гледа и контролира. Чувството е непријатно, тешко е. Би апелирал до надлежните од полицијата да се расветли случајот, да се откријат сторителите и да се запрат ваквите случаи. Кај мене има револт од ланскиот случај по опожарувањето на гаражата за што се уште не се откриени сторителите – вели Милошески.

Новинарот Зоран Милошески е сопственик на интернет-порталот „Публикум“. Сега е ангажиран во одделението за односи со јавност во прилепската локална самоуправа.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1