„Вози како секое дете на улица да е твое дете”, „Гушни ги децата дома, но врзете ги со појас во автомобил”, „Секое дете заслужува да му се радува на животот”, вака гласат дел од пораките што ги пренесоа познатите личности кои со задоволство прифатија да бидат дел од новата кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата “Да ги заштитиме децата во сообраќајот”.
По големата трагедија во Влае, кога камион прегази девојче кое почина, ве потсетуваме на пораките кои треба да се врежат во нашите глави.
Познатите актери Тони Михајловски и Дејан Лилиќ, ракометарите Тимур Дибиров и Столе Стоилов, естрадните ѕвезди Панчо ДНК и Симона Попоска, водителката Татјана Стојановска, се прошетаа низ градските улици држејки ги транспарентите на РСБСП со пораки упатени до сите возачи, да внимаваат на безбедноста на најмалите учесници во сообраќајот, децата.
Познатиот фудбалер Дејан Глишиќ, генералниот менаџер на Групер, Нина Ангеловска, водителката Цаци Арсова, Александар Миноски дел од менаџментот на АМСМ, легендата на македонската кошарка Владо Илиевски исто така се приклучија во кампањата, секој на свој начин упатувајќи пораки за почитување на сообраќајните правила и прописи со кои би се зголемила безбедноста на децата во сообраќајот и на тој начин сите би ја постигнале зацртаната цел, а таа е, 0 деца жртви во сообраќајот.
Оваа кампања организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја приклучува и Република Македонија во светската кампања #safekidslives, која на иницијатива на Обединетите нации се реализира во повеќе од 100 земји низ целиот свет.
На оваа кампања се придружија и други славни личности.