Зголемен број инциденти од омраза во предизборието, регистрирани осум кривични дела


Хелсиншкиот комитет во својот последне извештај укажува дека е зголемен бројот на инциденти мотивирани од нетолеранција или предрасуди кон припадници на одредена група во општеството. Зголемување на бројот на ваквите инциденти особено е забележливо пред и за време на изборните циклуси.

„Пораст на ваквите инциденти беше регистриран пред и за време на предвремените парламентарни избори од 2014 година, претседателските избори истата година и предвремените парламентарни избори од 2016 година. Во 2017 година, ваквиот вид на дела од омраза продолжија и по завршувањето на предвремените парламентарни избори, како и откако политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство пратеници за формирање на Влада. Сега, додека е актуелна кампањата за локалните избори, повторно се забележува зголемување на бројот на ваквите инциденти“, се вели во извештајот.

Во текот на септември беа регистрирани осум кривични дела од омраза. Пет од нив се сторени поради политичка припадност или политичко уверување.

Изборната кампања за локалните избори во Македонија започна на 25 септември. На истиот датум е регистриран првиот инцидент од омраза сторен поради политичка припадност односно политичко уверување. Овој инцидент, како и останатите четири, вклучува демолирање на партиски штаб. До крајот на месецот, оштетувањето на партиските штабови продолжи секојдневно, при што оштетени беа партиските штабови на три политички партии, и тоа два штабови на политичката партија СДСМ, два на ВМРО-ДПМНЕ и еден на Демократската партија на Србите во Македонија.

Хелсиншкиот комитет бара од Министерството за внатрешни работи да вложи повеќе напори кон откривање на сторителите и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти во иднина, имајќи ја предвид нивната фреквенција, како и фактот дека кампањата за локалните избори ќе трае дваесет дена. Комитетот потсетува и дека секоe насилство и инцидент во изборниот процес е спротивно и на Кодексот за фер и демократски избори.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1