„Жан Митрев“ ги намали цените – Наместо 12.000 евра лекување од Ковид 6.000 евра


Клиничката болница „Жан Митрев“ соопшти дека согласно состанокот одржан со министерот за здравство Венко Филипче, а со цел да им излезат во пресрет на што поголем број граѓани во оваа тешка ситуација, од денеска овозможува пакети за лекување од Ковид-19.

Досега пациентите плаќаа 12 000 евра, од сега за пациенти кои ќе се лекуваат на полуинтензивна нега, лекување во траење до 10 дена ќе чини 6000 евра, за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10 дневно лекување ќе изнесува 8000 евра. Една хемофилтрација претходно чинеше 4000 евра, сега со намалување од 10 отсто ќе чини 3600 евра. Оваа метода на лекување, се применува по согласност од страна на семејството на пациентот, посочуваат од болницата.

Од болницата информираат дека имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици т.е можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти кои се лекувале во Ковид центарот во болницата, одобруваат 50 отсто намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови.

-Како што во многу наврати досега сме информирале, нашите капацитети се во континуитет полни и имаме и листа на чекање. Во моментов се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти од кои 40 на респираторна поддршка. За негата на овие пациенти се грижи комплетниот лекарски тим кој како и сите здравствени работници во државава е веќе преморен. Во процесот на нега во нашата болница се вклучени и дел волонтери од немедицинскиот персонал, со цел да им помогнат на своите колеги. Сепак, за да помогнеме секаде каде што е потребно и можеме, еден од нашите лекари ќе биде прераспределен согласно барањата на министерот за здравство, стои во соопштението.

Од болницата апелираат до пошироката јавност и ги повикуваат сите кои се чувствуваат способни да помогнат и кои би сакале да волонтираат, да се пријават.

– Ќе бидат соодветно едуцирани и вклучени во нашите процеси. Искрено се надеваме дека наскоро на пандемијата ќе и дојде крајот, а во меѓувреме потребно е сите да останеме максимално дисциплинирани, посветени и да се вложиме како поединцни во справувањето со последиците за доброто на сите, се наведува во соопштението.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1