Жена за прв пат на чело на борбена единица на АРМ


Поручникот на АРМ Александра Бошковска по вчерашното преземање на должноста командир на првата чета во првиот механизиран пешадиски баталјон во Куманово, стана прва припадничка во досегашната историја на АРМ која ќе командува со единица во чија мисија е извршување и борбени задачи.

Како што соопштија од АРМ за МИА, во период од 20 април до 11 мај 2018 година поручникот Александра предводела единица во јачина на еден вод која учествувала на меѓународната теренска вежба „ЕФЕС 2018“ во Измир, Република Турција, за чие учество од страна на организаторот биле искажани пофални зборови.

Поручник Бошковска воена академија завршила во 2014 година во Скопје. Водот со кој командувала и работела, во 2016 година на одбележување ден на единицата, а врз основ на критериумите и спроведените интерни процедури е избран за најдобар вод во баталјонот за што доби пехар и знаме за најдобра единица.

Од АРМ информираат дека придржувајќи се до Програмата за еднакви можности на мажите и жените во Министерството за одбрана и АРМ, бројот на припаднички на АРМ постојано се зголемува достигнувајќи го сегашното ниво од речиси девет отсто од севкупниот состав на АРМ. Од вкупниот офицерски кадар на АРМ, 13,73 отсто се жени.

Во АРМ две жени имаат офицерски чин – полковник, а поголем број се со чинови потполковници и мајори.

Покрај првото поставување на командирска должност на припадничка на АРМ во борбена единица, имаме жена командант на Воено-медицинскиот центар (во ранг на баталјон), заменик на командант на логистички баталјон, како и командири на две чети кои извршуваат борбено сервисна поддршка.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1