Кејот на Вардар кај ГТЦ и плоштадот ќе ги прогласиме за туристичка зона, со што би станало нелегално да се градат сервисната улица на кејот кај ГТЦ и Шпанските скали на плоштадот, најавиja градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција на кејот.
Во оваа зона според нив ќе биде опфатен кејот пред Холидеј Ин, Собранието, односно местото каде треба да се градат Шпанските скали како и плоштадот.
– Со новата одлука ќе се опфати и просторот кај Шпанските скали, а не само небулозната улица и ќе се забранат какви било градежни активности. Заедничка одлука е да ги повикаме луѓето на власт да се откажат од градбата на сите објекти, а доколку тоа не се случи тогаш ние сами ќе донесеме одлука за забрана на тие градби – рече Жерновски.