Зидан уште не решил дали Роналдо утре ќе игра


Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, денеска пристигна во Скопје и се уште не одлучил кој ќе игра во тимот на европскиот првак против Манчестер јунајтед за Супер купот на УЕФА.

– Имаме голема желба да ја почнеме сезоната и едвај чекаме да почнат официјалните натпревари. Тренираме одлично и оптимист сум за новата сезона. Утрешниот натпревар гo подготвуваме како секогаш, ги знаеме сите детали за противникот и едвај чекаме да почне. Роналдо е мирен, ме импресионира што физички е како пред финалето. Тоа што мене ме интересира е теренот, а тоа што е денес со нас има големо значење. Кристијано е тука за да игра, но утре ќе одлучам. Што се однесува до Бејл, мислам дека е концентриран и го чека натпреварот. Нема голема разлика меѓу мојот и Реал на Мурињо, има различни методи, но во овој клуб секој мора да даде 100 проценти. Мислам дека и јас и Жозе работиме одлично, но некогаш и да работиш одлично нема гаранција за титули. Можеме да играме на различни начини и системи на игра и така ќе остане и во иднина. Ќе останеме непредвидливи и во иднина. Ова е Реал Мадрид, играв тука шест години, но играв и за други клубови и знам како е да се игра против Реал Мадрид. Сите сакаат да играат и да те победат – рече Зидан.

Тој рече дека жешкото време нема да биде проблем за играчите.

– Жешкото време мислам дека нема да биде ни предност, ни хендикеп. Двете екипи трениравме во САД и температурите таму се слични како овде – додаде Зидан.

Бразилскиот лев бек на Реал Мадрид, Марсело рече дека им требало многу напор за да стасаат до Лигата на шампионите.

– Минуваме низ период на подготовки и припремни натпревари и ова е првиот голем тест за нас. Имаме голема желба да го освоиме трофејот утревечер. Името на ривалот на е важно, иако знаеме дека противник утре ни е голем тим. Игравме еднаш против Манчестер Јунајтед во САД, но тоа е тест натпревар, а утре е натпревар за трофеј. Сигурно има разлики меѓу Реал на Зидан и Реал на Мурињо, но сигурно разлики има. Со Мурињо кој е голем тренер се боревме за сите титули, а истото е сега со Зидан со кого се бориме и освојуваме трофеи – смета Марсело.

Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед последен пат се сретнаа пред четири сезони во осминафиналето на Лигата на шампионите, кога Реал го елиминираше Јунајтед.

Според капитенот, Серхио Рамос, утре Реал Мадрид ќе има состанок со историјата.

– Чувствувам голема гордост што сум капитен на овој тим. Привилегија е да се биде капитен на Реал Мадрид. Утре повторно имаме состанок со историјата. Мораме да се потсетиме дека ова е финале на победникот на ЛШ и ЛЕ. Имаме можност да освоиме уште еден трофеј што би го посветиле на нашите навивачи и следбеници. Навистина би сакале утре да го однесеме трофејот во Мадрид -рече Рамос.

И покрај сите шпекулации, во Скопје пристигна и Кристијано Роналдо, најдобриот фудбалер на Реал Мадрид.

– Кристијано е многу важен играч во нашиот тим. Мислам дека е важно што тој е тука со нас во тимот. Други сме кога е тој тука со нас, без разлика дали игра или не. Поскоро би сакале личните и приватните прашања да ги оставиме на страна и да се фокусираме на мечот – додава Рамос.

Реал Мадрид ќе го брка Суперкупот на УЕФА четврти пат по ред, додека Манчестер Јунајтед го посакува првиот трофеј во ова натпреварување, уште по 1992 година кога во финалето „ѓаволите“ ја совладаа Црвена Звезда на Дарко Панчев.

Италијанскиот судија Роки ќе означи почеток на натпреварот утре од 20.45 часот, а 216 земји од цела планета ќе го пренесуваат спектаклот од Скопје.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1