Вирусот кој го шират комарците се поврзува со зголемениот број на случаи на микроцефалија, пореметување кај кое децата може да се родат со абнормално мали глави.
Опасниот зика вирус, кој може да предизвика сериозни оштетувања на мозокот кај новороденчињата пристигнал во Европа. Првите случаи биле забележани кај тројца Италијанци, четири Британци и двајца Шпанци. Заедничко за сите е дека се вратиле од Јужна Америка или од Карибите.
Вирусот го шират комарци, а симптомите се прилично слични како кај обичните вируси и обично така и се лечи, но многу е опасен за трудниците, бидејќи може да предизвика сериозни оштетувања во развојот на бебето, па дури и смрт.
Светската здравствена организација известила во понеделникот дека очекува вирусот да се прошири во сите држави во Јужна и Северна Америка, освен Канада и Чиле, пишува Reuters.
Џузепе Иполито од италијанскиот Центар за инфективни болести, за Corriere рекол дека трите случаи во Италија биле пред 10 месеци и дека сите од заболените биле во Бразил, и дека сега се добро. Вирусот вообичаено не се шири од човек на човек, а објавите од европските земји дошле откако американскиот Центар за контрола на болести им препорачал на трудниците да не патуваат во 22 земји, во главно во Јужна Америка и карипското подрачје. Според нивните препораки, жените кои биле бремени во текот на патувањето, би требало да одат на преглед за да се види дали на место каде што биле вирусот бил активен. Нивниот аларм се активирал откако една жена на Хаваи родила дете со микроцефалија, а била во Бразил додека била бремена. И во други сојузни држави имало луѓе заразени со овој вирус.
Опасни пореметувања кај бебињата
Зика вирусот се пренесува најчесто по убод на комарец кој живее во тропските и суптропските краеви. Симптомите вклучуваат благо покачена температура, болки во зглобовите и коњуктивит, а траат од два до седум дена.
СЗО наведува дека во текот на епидемијата на вирусот во Француска Полинезија во 2013. година, и во Бразил во 2015. година, забележале потенцијални невролошки и авто-имуни компликации. Здравствените агенции во Бразил лани забележале и зголемен број на инфекции од зика вирусот, и ректи невролошки пореметувања кај бебињата, што се нарекува микроцефалија. Поради тоа бебињата се раѓале со абнормално мали глави, и често со сериозни потешкотии во развојот, кои можат да бидат смртоносни. Во Бразил се родиле речиси 4.000 деца со оштетувања на мозокот, откако вирусот бил откриен во мај, а Бразил ги советувал жените да не остануваат бремени во 2016. година, додека проблемот не се реши.
Истото го советувал и заменик министерот за здравство во Салвадор, но тој истото го препорачал и за следната година, додека групите кои се борат за правата на жената бараат од владата да ја укине забраната за абортус. Имено, во оваа држава од 1998. година целосно е забранет абортусот, дури и во случај на силување, инцест, деформација на фетусот, или доколку животот на мајката е загрозен, пишува CNN. Во Колумбија биле заразени 560 трудници, а властите ги советуваат жените да не остануваат бремени во наредните 6 до 8 месеци.
Опасноста од вирусот може да биде и поголема, доколку се потврдат сомненијата на експертите од Бразил и Салвадор, кои истражуваат дали зика вирусот има врска со порастот на “Џулиан-Бареовиот синдром”. Оваа ретка болест е многу опасна, а предизвикува парализа која започнува во нозете, па се шири до горните екстремитети и може да резултира со целосна парализа на целото тело. Со навремено лечење, повеќето луѓе може целосно да заздрават, но кај најтешките случаи може да дојде и до смрт, доколку има компликации во работата на белите дробови. Во Салвадор има околу 169 случаи на овој синдром.
Моментално нема лек
Вирусот е необично благ и не бара некое посебно лечење, наведува СЗО. Оние кои се заразени со него треба да одмараат, да пијат течности, а против болките и температурите да се борат со вообичаени лекови. Главен начин на превенција во моментов е намалување на бројот на комарци и намален контакт на луѓе со комарци. Облеката која покрива поголем дел од телото е можеби најдобар совет, а бидејќи комарците се активни во текот на целиот ден, потребно е тоа константно да се има на ум. Покрај преносот со убод на комарец и од мајка на фетус, американските експерти забележале и случаи на инфекција при полов однос, трансфузија и изложување во лабораторија. Но, Светската здравствена организација известила дека се потребни дополнителни истражувања за да се докаже дека полов однос е можен начин на ширење.
За вирусот се знае со децении
Вирусот инаку бил откриен во 1947. година во Уганда, и тоа кај мајмун, а пет години подоцна и кај луѓе. Прво бил присутен во Африка и Азија, а во минатите две години пристигнал во Јужна Америка. Со децении вирусот бил ретка појава, со само 14 случаи во Африка и на југоистокот на Азија до 2007. година.