Дали знаете кои лични податоци смеат да ви ги побараат во одредена институција? Кога одите на лекар, на пример? Ви пречат ли камерите? Се прашувате ли некогаш дали треба да бидат поставени на одредено место? Верувам дека секој од нас некогаш имал ваква дилема.
Една од најчестите повреди при заштитата на личните податоци, при минатогодишните контроли инспекторите на Дирекцијата утврдиле дека се прави при собирање и обработка на несоодветни, нерелевантни, преобемни лични податоци кои некогаш се земаат и без законска основа од страна на здравствените установи.
Како на пример, моминското презиме, име и презиме на брачниот другар и број на лична карта, име на татко и мајка на пациентот, единствениот матичен број и други лични податоци.
Исто така, утврдено е дека некои од контролираните институции не донеле или не примениле документација за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, откривање на посебните категории лични податоци кои се користат за статистички и научно-истражувачки цели, неприменувањето на правото на пристап и исправка на личните податоци на пациентите, склучување договори со обработувачи на податоци кои не содржат одредби за заштита на личните податоци, неводење посебна евиденција за личните податоци кои се дадени на користење, кому се дадени и причината поради која се дадени.
Во дел од здравствените установи вршењето на видеонадзорот не бил во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а некои, пак, не определиле офицер за заштита на личните податоци, вработените не биле информирани за нивните обврски за заштита на личните податоци.
Минатата година до Дирекцијата за заштита на лични податоци биле доставени десет претставки поврзани со здравствените институции и нивните лични податоци.
Претходните години оваа институција добивала само укажувања за повреда на личните податоци од граѓаните. За воведувањето на видеонадзорот во јавните здравствени институции пред неколку години имаше многу забелешки како од пациентите така и од страна на стручната јавност. Неодамна, пак, до медиумите пристигна реакција и за видеонадзорот во една приватна болница.