Четириесетдневниот екстрадициски притвор истекува на 12 април и овој датум е краен рок за доставување на барањето за екстрадиција бидејќи на Демири и Исмаиловиќ може, но и не мора, да им биде продолжен притворот затоа што косовските власти не ги товарат за никакво кривично дело
Дваесет и пет дена по апсењето на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, прво и второобвинетите за масакрот кај Смиљковското Езеро, Министерството за правда се уште го нема испратено барањето за екстрадиција до косовските колеги. Зошто барањето е се уште во Скопје и на што се должи тоа нема одговор од Правда. Оттаму единствено велат дека станува збор за процедура, без да наведат конкретно за што станува збор и што се подразбира под процедура.
– Барањето е се уште во министерството и не е испратено. Се работи за процедура и тоа е се што можам да ви кажам, кусо изјавија од Правда.
Ако десет дена по апсењето се чекаше на Кривичниот суд да ја комплетира обемната документација за предметот “Монструм” и да ја достави до Правда, последниве две недели не е познато што се случува во тоа министерство.
Самиот министер Беџети, на 13 март изјави дека барањето е кај него без да прецизира кога ќе го испрати во Косово.
Демири и Исмаиловиќ се наоѓаат во притвор во Косово, но точната локација тамошните власти не ја откриваат пред се од безбедносни причини. На 5 март, истражен судија од Приштина им одреди четириесетдневен екстрадициски притвор кој истекува на 12 април.
Демири и Исмаиловиќ, по единаесетмесечно бегство, беа уапсени на 2 март во приштинската населба Сончев Рид и во становите во кои се криеја беше најдено оружје за кое дополнително ќе се утврдува дали било користено во масакрот. Каде биле претходно, кој им помогнал во бегството и кој ги засолнил засега не е познато.
Според обвинението шестемина учествувале во планирањето и извршувањето на суровото убиство на Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефковски. Браќата Исмаиловиќ и Демири се товарат дека се директни извршители на убиството.
Вечер