Грчки медиуми: За два месеца Македонија во Грција вратила повеќе од 11.800 бегалци


„Масовни депортации од Македонија“, „За два месеци Македонија во Грција вратила 11.800 бегалци“, „Македонија: спречивме влез на повеќе од 11.800 бегалци од Грција“, се само некои од насловите во грчките медиуми кои денеска пренесуваат текст од сервисот на македонски јазик на турската новинска агенција Анадолија.migranti gevgelija makedonija policija

Анадолија викендов објави текст со наслов „Од затворањето на Балканската рута во Македонија откриени 11.803 илегални мигранти“ во кој Наталија Спирова Кордиќ, началник на Секторот за односи со јавност и протокол во Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при македонското МВР, информира дека од 8 март годинава, кога земјите членки на ЕУ ја затворија западно-балканската рута, за два месеца спречен е обид за илегален влез во Македонија на 11.803 мигранти.
– Почнувајќи од 8 март 2016 година, откако земјите членки на ЕУ ја затворија Западно-балканската рута, па до 12 мај 2016 година, откриени се вкупно 11.803 мигранти, сите на влез во Република Македонија при илегален обид за преминување на македонско-грчката граница, и тие се вратени во Република Грција. Секој обид за нелегален влез во Република Македонија е спречен од полициските и армиските службеници заедно со странските полициски службеници распоредени долж граничната линија, се пренесува во Грција изјавата на Кордиќ за Анадолија.

Таа информира дека во периодот од 1 јануари до 11 мај 2016 година, откриени се вкупно 19 кривични дела „криумчарење на мигранти“, за што против 23 лица се поднесени кривични пријави, кои се обиделе да прокриумчарат вкупно 319 мигранти.
Објаснувајќи за постапката по нивното фаќање на територијата на Република Македонија, Спирова-Кордиќ за Анадолија вели дека мигрантите фатени во овие ситуации кои преку „криумчарите на мигранти” се обидуваат нелегално да остварат влез, да транзитираат низ Република Македонија, како би стигнале во некоја од земјите на ЕУ што е нивна крајна цел, се носат во прифатниот Центар во Гази Баба и се процесуираат по редовни судски постапки.

Фото: Ројтерс

Фото: Ројтерс

– Минатиот месец, според статистичките податоци достапни за јавноста, остана нејасно што се случило со повеќе од 400 бегалци кои биле евидентирани дека влегле во државата, но сепак никаде не фигурираат. Според локалните извори постојат наводни тврдења дека бегалците преку илегални начини со помош на криумчари успеваат да ја поминат македонската северна граница и да стигнат до Србија за што на криумчарите им плаќаат околу 1.500 евра по лице, јави Анадолија, а пренесуваат грчките медиуми.

На сето ова, во Грција уште се додава дека „македонските власти периодично соопштуваат дека имало нови апсења на илегални мигранти и депортација на бегалци од нивна територија“, и подвлекуваат дека „овој феномен во последните две седмици има огромни димензии“.

Весникот „Етнос“ додава дека во исто време, продолжуваат напорите на грчките власти да ги убедат бегалците од Идомени да бидат преместени во организирани прифатни центри. Според полициски извори на кои се повикува весникот, минатата недела од кампот биле преместени 600 лица, додека според Координативното тело за справување со мигрантската криза, во кампот се уште има 9.220 мигранти и бегалци.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1