Мајкл Мур ќе го „урива“ Трамп со нов филм


Американскиот режисер и политички коментатор Мајкл Мур, кој континуирано предупредуваше дека нема да е добро Доналд Трамп да победи на изборите во САД, ги повикуваше граѓаните да не гласаат за него, а по неговиот избор за претседател продолжи да го критикува во секоја пригода, снима документарен филм што ќе носи наслов „Фаренхајт 11/9“, слично како неговото легендарно остварување „Фаренхајт 9/11“ од 2004 година, во кој ја критикува администрацијата на Џорџ Буш.

Режисерот смета дека претседателот треба да биде загрижен поради филмот.

– Да, снимам филм за да нè извлечам од оваа збрка – навел Мајк Мур на Твитер и додал дека без разлика на сè, филмот ќе биде „реален што се однесува до фактите“.

– Ниту еден метод со него не успеа. Без разлика што и да беше разоткриено, тој и понатаму останува на нозе. Фактите, реалноста, мозоци не можат да го победат. Дури и кога сам си пука во нога, следното утро станува како да не било ништо и продолжува да твита. Сето тоа ќе се заврши со овој филм – порачал Мур во врска со документарецот за Трамп.

Документарниот филм ќе се однесува на 9 ноември 2016 (11/9), денот на објавување на резултатите од претседателските избори на кои Доналд Трамп извојува победа над Хилари Клинтон.

– „Фаренхајт 11/9“ ќе биде претставен со мешавината од бес и дрзок хумор што го направи Мур најуспешен режисер на документарци во светот… Филмот уриваше рекорди („Фаренхајт 9/11“) и планираме тоа да го направиме и со овој филм („Фаренхајт 11/9“). Сега, повеќе од кога било, апетитот на Мајкл за вистината е круцијален. Сакаме да бидеме дел од оваа револуција – било наведено во соопштение од продукцијата.

Филмот „Фаренхајт 9/11“ постави рекорд како најплатен филм низ кината во Америка во категорија политички филм. Дебатираше на Канскиот фестивал во 2004 година во категоријата документарен филм и предизвика 20-минутна овација од присутните, воедно и најдолгата овација во историјата на Канскиот филмски фестивал.

Филмот исто така беше награден и прими Златна палма. Режисерот Режисерот Мур и во текот на предизборната кампања беше една од ретките јавни личности што ја предвиде победата на Трамп.

Тој уште во октомври минатата година сними документарен филм насловен „Мајкл Мур во Трампленд“, во кој повика да не се гласа за него.

Овој 63-годишен американски политички активист, режисер, социјален коментатор, писател и колумнист, е познат по својот отворен, критички и остар став за глобализацијата, големите корпорации и насилството предизвикано со огнено оружје и војната во Ирак.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1