По повод 14 годишнината откако воениот конвој од прилепската касарна во заседа беше пресретнат кај месноста „Карпалак“ на патот Скопје-Тетово кога загинаа 10 –те прилепски воени резервисти, семејствата, соборците, бројни делегации денеска се поклонија и положија венци и свежи цвеќиња пред споменикот на загинатите во центарот на градот.
Почит им оддадоа делегации од кабинетот на претседателот на Македонија, од АРМ и Генералштабот, од Владата предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, од градот предводена од градоначалникот Марај Ристески, од здруженија, партии и делегации на граѓани.
Присутните им оддадоа почит на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и на Пеце Секулоски.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, рече дека е тешко да се биде на местото пред споменикот, но е и голема чест. Ова е тажен ден, но ќе остане запишан во македонската историја.
-Нивната загуба секогаш не опоменува дека одбраната и слободата на татковината нема цена. Таа е поука за сите нас да градиме побезбедна и попросперитетна иднина за нашите деца и за идните поколенија. Да ги чуваме, да ги негуваме, но и да ги браниме мирот и слободата на нашата татковина. Наша должност е да продолжиме да оддаваме почит на делото на нашите жртви, на нашите починати бранители. Загубата на бранителите нека биде вечен потсетник на генерациите борци кои ги положија своите животи низ историјата за непокорот на Република Македонија и за нашата иднина, истакна Јолевски.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески рече дека болката од загубата е неодминлива, а споменот за нивното дело е вечен.
-Денеска исправени пред предизвиците со кои се соочуваме, сфаќаме дека единствено исправна е искреноста и љубовта кон својот народ, токму такак како што тоа го направија нашите сограѓани. Поаѓајќи решително во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата за доброто на својот народ, својата татковина, за сите нас. Прилеп денес достоинствено чествува во името на нивната храброст, рече Ристески.Изутрината, семејствата, соборците, делегации и граѓани ги посетија нивните вечни почивалишта на градските и ромските гробишта, а во црквата „Свето Благовештение“ се служеше панихида за загинатите бранители.