2 години од катастрофалните поплави – Стајковци се уште живее во страв


Стајковци, Скопско. Еден од најтешко погодените реони од невремето кое предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Две години потоа, во Стајковци се уште се видливи штетите кои ги предизвикаа обилните врнежи од дожд и силниот ветер попладнето на 6-ти август 2016-та. Тогаш, во текот на 24 часа во Скопје наврнаа 92,9 литри на квадратен метар, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови. Нешто што Управата за хидрометеоролошки работи го окарактеризира како невреме кое се појавува еднаш во илјада години.

Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија.

Жителите на најпогодените делови на Стајковци велат дека никогаш нема да го заборават тој ден. И денес, дел од нив работат на реновирање на своите куќи. Државата тогаш додели финансиска помош ви зависност од штетите кои беа настанати, но луѓето овде не се најзадоволни од тоа како таа е распредена.

По катастрофалното невреме граѓаните од целата држава и надлежните институции се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8-ми август 2016-та, пак беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Мештаните велат дека населеното место се уште не е инфраструктурно безбедно од евентуално ново невреме.

Стајковци денес е побезбедно место од август 2016-тата. Критичните улици каде што настана најголемата штета се асфалтирани, но според мештаните, во нивното населено место се уште има доста работа за, како што велат, да не стравуваат со секој појавен црн облак на небото.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

– Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години. Вака УХМР го објасни тогаш невремето што ја погоди Скопската котлина.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1