Три случаи на заболени од свински грип се потврдени во лабораторија на Инфективната клиника. Како што информираа од Институтот за јавно здравје, станува збор за три лица од Тетово. Сите три се на 13-годишна возраст, но не се меѓусебно поврзани, јавува Канал 5 .
Децата биле амбулантски прегледани, а нивните примероци земени од екипите на Центарот за јавно здравје – Тетово биле испратени на анализа во лабораторијата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Примероци од уште три лица од Тетово со симптоми на грип биле испратени во лабораторијата на Институтот, но кај нив лабораториски не е потврдено присуство на грип.
– Во Европа бројот на анализирани случаи е многу мал. Од вкупниот број на пристигнати примероци во европските лаборатории 71 процент е инфлуенца А, 45 проценти е Х1Н1, 55 проценти е Х3Н2, а 29 отсто отпаѓа на инфлуенца Б, рече Бошевска.
Благоја Алексовски од Институтот за јавно здравје истакна дека просечно неделно регистрираат околу 60 новозаболени случаи и вкупно за овие 10 недели откако почна сезоната на грипот се регистрирани околу 432 случаи на грип во Македонија.
– Најмногу регистрирани случаи има во Скопје, Струмица, Тетово и Куманово, но тоа се релативни бројки бидејќи бројот на заболени веројатно е многу поголем со оглед на тоа што не се сите пријавени и регистрирани, вели Алексовски.
Треба да се избегнува контакт со заразени лица, да се внимава на хигиена на рацете, да се избегнува престој во затворени простории кои треба да се проветруваат, а болните не треба да одат на работа, во училиште и во градинка и да ја примаат терапијата препорачана од матичен лекар затоа што може да се јават и компликации кои предизвикуваат и смртни случаи.
Важно е да се внесува исхрана богата со витамини, минерали и да се консумира повеќе течности, како и да се има физичка активност.