Три лица загинаа во тешката сообраќајна несреќа што се случи попладнево во Куманово.
Според првичните информации на СВР Куманово, автомобил „БМВ“, по 17 часот, движејќи се од населбата Бедиње кон Куманово, изгубил контрола, излетал од улицата „11 Ноември“, се превртел и паднал од мостот над автопатот по кој се движела цистерна.
Во автомобилот биле четири лица од кои двајцата починале веднаш, а едниот на пат кон кумановската болница, соопштија од Итна помош Куманово.
Четвтото лице е тешко повредено, а, како што информираат од одделението на хирургија, повреден е и возачот на цистерната кој во обид да го избегне возилото, преминал во другата коловозна лента.
Тројца од вкупно четворицата патници во автомобилот „БМВ“ се од Куманово, а едниот е од Ваксинце.
Очевидци на несреќата изјавија дека откако слушнале силен звук, се стрчале им пружиле прва помош на повредените.
– Кај нас е примен еден тешко повреден пациент, со повреди добиени во сообраќајна незгода, со повеќекратни скршеници на нозете, повреди низ целото тело, но беше стабилен со витални функции. По укажаната помош препратен е до Ургентен Центар во Скопје, изјави д-р Стефан Трајановски, хирург во општа болница Куманово.
Моментно се врши увид на местото на несреќата од екипа на полицијата и јавен обвинител. Автопатот е затворен за сообраќај, а затворена е и дел од улицата „11 Ноември“, од почетокот до крајот на Бедински мост, односно надвозникот над автопатот.