Триесетдневен притвор за началникот и еден од инспекторите, додека другиот инспектор се договорил да го признае делото во замена за две години затвор. Ова е епилогот од вчерашната средба на тројцата службеници на МВР кои беа осомничени дека земале мито од 2 илјади евра со Обвинителството.
Еден од инспекторите, откако бил соочен со деталите кои неговите колеги денови наназад ги собирале против митаџиите се договорил со Обвинителството. Тој спогодбено ја прифатил понудата на обвинителот и случајот воопшто нема да оди на суд, а тој ќе треба да одлежи 2 години затвор, но ќе добие и отказно решение од МВР. Ваква можност на обвинителството му даваат новите измени во Законот за кривична постапка.
За разлика од него, началникот од крвни деликти и другиот инспектор не прифатиле договор со обвинителот, па ним им беше одреден по 30 дена притвор, а за тоа дали и каква казна ќе добијат, ќе одлучува судот во редовна кривична постапка.