Русија би можела да воведе ограничување или забрана за користење на трансибирски воздухопловни рути за европски авиопревозници, што би го зголемило трошоците за сообраќај со Азија, како одговор на санкциите кои ЕУ ги воведе на Москва поради ситуацијата во Украина, пишува денеска весникот „Ведомости“.
Руската компанија за евтини летови „Доброљот“, со која управува државниот „Аерофлот“, мораше да ги суспендира сите летови минатата седмица поради откажување на нејзините договори за изнајмувње авиони.
Санкциите се воведени на оваа компанија бидејќи извршувала летови до Крим, полуостров кој Русија го припои во март, по референдумот за отцепување од Украина.
Во тек се расправи меѓу руските министерства за надворешни работи и за сообраќај за можни рестрикции за летови над руска територија.
Забраната би опфатила не само европски превозници како „Луфтханза“, „Бритиш ервејс“ и „Ер Франс“, туку би ги погодила и „Аерофлот“, кој наплатува такси за прелети на авиони на овие фирми, пишува „Ведомости“.