Новите громобрани штитат во радиус од 20 до 110 метри. Ударите имаат многу поголем капацитет од вообичаено и освен што се многу посилни, веќе не ја следат „традицијата“ да удираат во највисоките точки на теренот.
Помалку од половина од куќите во Македонија имаат громобрани, проценуваат експертите. Додека прописите ги обврзуваат комерцијалните и административните објекти да ги имаат сите мерки за заштита од непогоди и несреќи и предвидуваат периодични инспекции, таков пропис за куќите нема, пишува Дневник.
– Сите нови објекти имаат громобрани, ама има многу стари кои имаат дотраени инсталации. За новите згради проектот се носи на одобрение во ДЗС, а ние испитуваме дали се применети сите мерки на заштита, од пожари, поплави, други елементарни непогоди. Kога ќе ги исполни стандардите, проектот добива одобрение. Генерално, новите објекти се заштитени, а инспекторите го контролираат објектот кога ќе се изгради – вели Љупчо Петревски од Дирекцијата за заштита и спасување.
Инспекторите велат дека громобранската заштита е често проблем кај индивидуалните објекти за домување и кај постарите станбени згради, затоа што ретко кој сопственик ги почитува обврските за одржување на инсталациите. Слична е и состојбата со електричните инсталации, хидрантите, оџаците, вентилациите…
Новите громобрани штитат во радиус од 20 до 110 метри
На новите објекти се поставуваат раностартувачки громобрани, кои штитат простор во форма на печурка.
– Сега се избегнуваат класичните инсталации, а новите системи имаат и друг степен на заштита. Најмалиот, наменет за куќи, штити простор во радиус од околу 20 метри, а најголемиот штити простор во форма на печурка во радиус од 110 метри. Таков громобран има во „Луна паркот“ во Скопје – вели Петровски.
Цените на овие громобрани се движат од 700 до 2.000 евра.
Дневник