Владата се согласи во периодот што следи да се отвори дискусија на ниво на работни групи за носење нов закон за високо образование.
На денешната средба со професори и студенти Владата изрази подготвеност за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование за една година, меѓу кои и одложување на спроведувањето на државниот испит за една година и спроведувањето на обврската за објавување научни трудови во списанија со импакт фактор за две години.
„Владата изразува отвореност и подготвеност низ еден поширок транспарентен и инклузивен процес заедно со релевантните чинители заеднички да се работи на градење на квалитетен систем на високо образование. Владата е благодарна за конструктивниот пристап на универзитетите, односно професорите и студентите и за нивниот досегашен и иден придонес во унапредување на стандардите и квалитетот во високото образование“, пишува во соопштението од Владата.
На денешната средба учествуваа претставници на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во чија што делегација биле и претставници на Професорскиот и на Студентскиот пленум, и претставници на Владата предводени од премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.