Случајот на 32-годишниот Давид Стојчевски, кој минатата година почина во затворот во Мичиген, САД, се најде во рацете на Федералното Интернационално Биро.
Истрагата се должи на тужбата долга 38 страници, која ја поднесе братот на Давид, Владимир Стојчевски. Како што се наведува во тужбата, а може да се види и на видеото, Стојчевски за 16 дена ослабел 25 килограми.
– Како што покажуваат снимките од затворските власти, вработените биле сведоци на драматичното влошување на неговото здравје, во последните десет дена. До толку што, Давид ослабел 25 килограми за 16 дена колку што бил притворен, што тужените знаеле, или би требало да знаат дека тоа може да води кон смрт. Нивните постапки демонстрираат јасна индиферентност кон влошувањето на неговото физичко и ментално здравје, во текот на деновите во кои што Давид живеел во исцрпувачка болка и во мизерија, како последица на недостапност на лековите. Тоа на крајот му го одзеде животот, пишува во тужбата поднесена од Владимир.
Шерифот Антониј Викершам се сретнал со ФБИ во врска со смртта на Давид која се случила во време кога тој бил одговорен на затворот. Тој ја дополнил истрагата со нивната веќе завршена истрага и со затворското видео долго 240 часа.
– Нудам целосна соработка и ги очекувам доказите од ФБИ, рече Викершам.
Тој додава дека тоа е трагедија не само за фамилијата на починатиот, туку и за вработените во затворот кои се грижат за околу 1,200 затвореници дневно.
Според тужбата, освен слабеењето, тој во келијата бил гол и поради тоа што не му била давана терапијата за лечење од зависност, Давид халуцинирал , а халуцинациите биле до тој степен, што тој разговарал со луѓе кои воопшто не биле до него.
На вознемирувачкото видео од затворскиот надзор, кое го обелодени семејството исто така се гледа како тој не ја зема храната која му се дава, а останатите затвореници му ја јадат додека тој спие, како се крие под креветот неможејќи да ја издржи неонската светлина, неговите грчења на телото, а стражарите истото го забележуваат во документацијата на Давид.
Викершам додава дека додека трае истрагата на ФБИ, неговата канцеларија нема да открива детали во врска со овој случај.
Дури откако семејството поднесе тужба, случајот се појави во јавноста заедно со видеото од тоа што му се случувало на Стојчевски во затворот.