Двајца војници на вооружените сили на Босна и Херцеговина се убиени а еден е ранет вечерва во пукање во Рајловац, предградие на главниот град Сараево, потврдија локалната полиција и министерството за одбрана
Бројни полициски сили, вклучително и припадници на специјалните единици, во средата ноќта трагаат по вооружениот напаѓач кој во предградието на Сараево уби двајца припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина, а според последните информации ранети се уште најмалку три лица.
„Две лица смртно настрадаа, а станува збор за припадници на вооружените сили на БиХ“, потврди портпаролот на сараевската кантонална полиција Ирфан Нефиќ во изјава за новинарите што ја пренесуваше федералната телевизија.
Покрај припадниците на сараевската полиција во потрагата се вклучени и воените полицајци и специјалниот тим на Државната агенција за истрага и заштита (SIPA), кои е подготвен да ја презема истрагата доколку се утврди дека станува збор за терористички напад, соопшти портпаролката на SIPA, Кристина Јозиќ.
Очевидци на полицијата ѝ дале информации дека напаѓачот наводно бил облечен како вехабире, припадниците на радикалното исламистичко движења, со што се поттикнуваат информациите дека станува збор за терористички чин.
Меѓутоа, портпаролот Нефиќ изјави дека за тоа не може конкретно да се тврди додека истрагата не биде завршена. Додаде дека напаѓачот по нападот во обложувалницата, отворил оган и врз автобус на градскиот сообраќај, при што од распрсканите стакла биле повредени три лица.
Напаѓачот, за кој медиумите објавија дека се вика Енес Омерагиќ, и дека живеел во Сараево, меѓу 19,30 и 20 часот од автоматска пушка пука во обложувалницата во Рајловац каде и ги убиле двајцата војници и ранил уште еден.
Во неделата, по петочните терористички напади во Париз, радикалните исламисти чиишто изјави ги пренесува интернет порталот Vijesti ummeta кој пренесува вести на бошњачки јазик, најавија одмазнички походи поради нападите врз целите на терористичката група Исламска држава во Ирак и во Сирија, и ветија уште повеќе жртви во Европа низ којашто „ќе тече крв и ќе се веат знамињата“ на нивната организација, и се заканија на безбедноста на Босна и Херцеговина.
Таква закана преку истиот портал за Босна и Херцеговина упати и кон средината на август.
Според неофицијални информации, околу 300 државјани на БиХ моментално се борат под знамето на Исламската држава во Сирија и Ирак. Од мината година на сила е законот кој забранува војување на босанските државјани на странски боишта, но дека овој закон се применува докажува тоа што досега нема ниеден уапсен. Токму повратниците од Сирија и Ирак се сметаат за најголема опасност по безбедноста на БиХ.