Полицијата утрвово спроведе акција во која се уапсени четири лица поранешни припадници на ИСИС, а по три лица се трага. На осомничените им е одредена мерка притвор.
Тројца од уапсените се од Скопје, а едно лице е од Тетово, сите поранешни припадници на ИСИС.
Како што информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесена е наредба за спроведување на истрага за седум лица – припадници на ИСИС. На осомничените им се става на товар кривичното дело – Терористичка организација.
Според неофицијалните информации во денешната акција која е продолжение на „Келија“ извршени се вкупно седум претреси од кои шест во Скопје и еден во Тетово.
За две од трите лица што полицијата не ги пронашла постојат оперативни сознанија дека моментно се наоѓаат во Сирија.
Како што дознаваме, од извршените претреси досега пронајдени и одземени се компјутери, мобилни телефонски уреди, усб мемории, ЦД дискови, патни исправи.
Министерството за внатрешни работи најави дека за деталите од денешната акција ќе информира на прескоференција што ќе се одржи попладнево.