На вонредната 92 седница , Владата донесе одлука за доставување Предлог до Собранието на РМ за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија.
Согласно стратешките приоритети на Република Македонија – членството во ЕУ и НАТО, Владата на Република Македонија на денешната 92 седница го разгледа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со Насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија, како следен чекор кој произлегува од Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција, се наведува во соопштението од Владата.
Владата на РМ го утврди текстот усогласен согласно укажувањата изнесени во расправата на седницата на Владата и врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија и членовите 193 и 194 од Деловникот на Собранието на Република Македонија заклучи да го достави до Собранието на Република Македонија, со предлог да го разгледа Собранието и да донесе одлука за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија.
Предлогот и насоките за изменување и дополнување на Уставот на РМ можете да ги симнете на следниот линк.
Сега сите членови на Собранието на РМ, сите пратеници, без разлика на која партија ѝ припаѓаат имаат историска должност и обврска пред граѓаните, да го обезбедат патот на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет, а тоа е патот кон НАТО и ЕУ кој води преку македонско-грчкиот договор.
Од пратениците во Собранието на Република Македонија се очекува одлука во таа насока и како израз на почитување на волјата на граѓаните коишто гласаа на референдумот, како и на волјата на околу 80% од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Од денеска остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно и таа зависи од нив. Тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Република Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин.