Македонија го празнува 11ти октомври


Седумдесет и седум години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна денеска во Република Македонија ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.

Премиерот Зоран Заев синоќа во рамки на заедничкото чествување на државниот празник на градовите Прилеп и Куманово се обрати на манифестацијата што беше одржана пред Участакот во Прилеп.

Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, и е на пат кон евроатлантските интеграции.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1