Протест на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, посебен сообраќаен режим


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска попладне во 17 часот најави протест во центарот на Скопје, кој го организираат една година по приведувањето на лицата за собраниските инциденти од 27 април лани.

Поради протестот, што ќе почне од плоштадот ВМРО, а ќе заврши пред зградата на Владата, е воведен посебен сообраќаен режим во центарот на Скопје.

По седницата на Извршниот комитет минатата недела партијата најави дека во наредниот период ќе организира протести со кои што, како што соопшти, ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече на прес-конференција партискиот портпарол Димче Арсовски, излегува на улица една година од почнувањето на најмонструозниот конструиран процес во историјата на Република Македонија во кој невини патриоти и родољуби се нашле на 27 април во Собранието од патриотски побуди. – Невини патриоти понесени од патриотски причини и побуди, актери, глумци, оперски пејачи, режисери, уметници, пратеници, полициски службеници кои си ја извршувале професионално својата должност и сите останати граѓани година и пол го трпат изживувањето од страна на СДСМ дека организирале измислен тероризам, рече Арсовски.

Преку протестот ќе побараат заминување на власта, од која, како што оцени, граѓаните се револтирани поради „партизирано судство, политички процеси, измислени случаи, сиромаштија, крахирана економија, девастирано образование, земјоделство кое пропаѓа, уништено здравство во кое луѓето не веруваат, криминал по улици, корупција во институции“.

Најавената релација на движење на учесниците на протестот е од плоштадот „ВМРО“, десно по улицата „Даме Груев“, право по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред зградата на Владата.

Поради воведениот сообраќаен режим, Министерството за внатрешни работи упати апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1