Се намалува затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки. Тоа го овозможи денешното усвојување на измените на Кривичниот законик од страна на Собраниската Комисија за политички систем.
Според некои толкувања со овие измени обвинетите за такви дела би можело да поминат и со условна казна.
Пратениците во скратена постапка во Комисијата за политички систем, во отсуство на колегите од ВМРО-ДПМНЕ се договорија да влезат во втора фаза измените на Кривичниот законик во кој засега остана спорниот член 275-в. Со него би им се намалиле казните на дел од осудените во предметите на СЈО, поконкретно во предметот Труст. Таму се осудени на затворска казна бизнисменот Сеад Кочан и синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василие.
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ ја напуштија Комисијата, а за предлогот гласаа пратениците од СДСМ, ДУИ и од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ.