Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули тврди дека Коледарски огнови биле доказ дека токму загревањето на домаќинствата на дрва е главната причина за аерозагадувањето во Скопје. Тој на својот Фејсбук профил прикажа како се движело присуството на ПМ честичките во Центар и Карпош од час во час почнувајки од 17 до 22 часот. Според приказот загаденоста на воздухот нагло се зголемува до високо или многу високо ниво на ПМ честички во времето кога огновите биле најактивни.
Наспроти тврдењата на Макрадули, граѓани на неговиот профил тврдат дека токму ваквите мерења на загадувањата за време празниците покажале дека воздухот е чист и покрај тоа што граѓаните овие денови биле дома и постојано затполувале со огрев.
„Горењето, огновите, да, треба да престанат, но тоа е еден ден во годината. Што правиме со секој дневното загадување“, коментираат граѓаните.
Министерството за животна средина и просторно планирање вчера упати апел до граѓаните да се воздржат од палењето на коледарски огнови на отворено за да се избегне дополнителното загадување на амбиенталниот воздух. Градот Скопје и скопските општини, пак, ја прекинаа традицијата да донираат дрва за огновите. Сепак, нив ги имаше.
Според индексот за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина, во текот на празниците воздухот најмногу бил загаден на новогодишната ноќ, додека па веднаш потоа вредностите на ПМ честичките нагло опаѓаат и се движат до ниво ниско или многу ниско.