Филипче: Раскинување на договорот и одземање на лиценцата на Македонија лек ако се утврди пропуст


Одземање на дозволата за работа на “Македонијалек”, раскинување на сите договори со компанијата или парична казна од 25-50.000 евра. Според министерот за здравство ова се можните санкции за увозникот на МРП вакцините ако се покаже дека пропустот можел да се превенира. По реакција на родител на социјалните мрежи дека вакцините се со поминат рок, вонредниот инспекциски надзор во пунктот во Демир Хисар покажал дека на шеесетина пакувања декларациите на Кирилица биле со рок до 10 месец 2018, а на оригиналните кутии рокот бил до мај ова година. Филипче уверува дека вакцините се безбедни и квалитетни и најави дека за овој пропуст ќе го известат и производителот Глаксо Смит Клајн. Одговорност ќе се бара и од Здравствените домови кои не ја увиделе грешката кога им биле доставени спорните вакцини.

-Ќе преземеме се што е во рамки на нашето делување и ако се покаже пропуст ќе се разгледа можноста за раскинување на сите договори со компанијата увозник и дистрибутер на МРП вакцините и за одземање на дозволата за работа, изјави д-р Венко Филипче, минитер за здравство.

Филипче најави дека ќе инсистира овој случајот што побргу да се расчисти. Од утре инспетори од МАЛМЕД ќе ја контролираат целата документација во Македонијалек. Директорот на агенцијата за лекови тврди дека ваква техничка грешка досега не се случила.

-Кога ќе ги собереме сите количини вакцини со таква декларација ќе постапиме кон фирмата, изјави Ќахил Ибраими директор на МАЛМЕД.

– Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени како не би правеле понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок, соопштика од Македонијалек.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1