Заев: Ќе го вратам мандатот ако не добиеме датум


Премиерот Зоран Заев во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да преземат одговорност и да испорачаат датум за преговори со Северна Македонија.

Во разговорот, премиерот Заев објаснува дека во случај да не се додели датумот за преговори, тој ќе биде обвинет дека ги излажал пратениците дека гласањето за Преспанскиот договор значи отворање на вратите на ЕУ.

-Кажав дека ако го смениме името, ако одржуваме добри односи со Грција, со Бугарија, дека ако се прават сите реформи, Европа ќе си ги исполни ветувањата. Ако тоа не биде случај, нормално е да се преземе одговорност, нема да чекам опозицијата или Собранието да направи нешто, ќе преземам одговорност и ќе го вратам мојот мандат, вели Заев во интервјуто за „Ле Соар“.

Тој предупредува дека во контекст на неиспорачување од европска страна, граѓаните би можеле да се свртат кон националистичките струи во земјата.

-Ризикот е враќањето на национализмот и радикализмот во нашата земја. Поминавме низ овој ризик во последните единаесет години. Имавме „хибриден“ режим кој ги уништи сите демократски права и слободи, сите основи на нормална земја, и ризикот е да се вратиме во тоа време, одговара премиерот.

На прашање зошто Европската Унија би требала да се грижи за тоа и дека би можела да и одговори на Македонија дека е тоа нејзин внатрешен проблем, премиерот вели дека ЕУ и Северна Македонија се поврзани како на лично така и на економско ниво и дека станува збор за заеднички интерес.

Тој ја смирува европската јавност дека одлуката за преговори не значи и пристапување во ЕУ веднаш.

-Немаме намера да станеме земја членка веднаш, но мораме да го продолжиме процесот на интеграција во ЕУ. По петнаесет години блокада, доделување датум за преговори за никого не е драматично! Тоа значи дека ја прифаќаме обврската да го прилагодиме нашето законодавство, да ги подготвиме институциите и земјата, за одлука за членство можеби во 2025-та, или 2030-та, никој не знае. Ние сме партнери и станува збор за заеднички интерес, вели премиерот на Северна Македонија.

Запрашан дали верува дека навистина би можел да добие Нобелова награда за мир заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас откако беа предложени по усвојувањето на Преспанскиот договор, Заев вели дека датум за преговори му е поважен.

-Би заменил и две Нобелови награди за таа одлука на Европскиот Совет, за мене е огромна чест што сум номиниран, ние сме мала земја, но нашата награда е потврдата на нашата работа, и единствената потврда која значи во овој момент е одлуката на Европскиот Совет. Тоа е најдобрата награда. Ако добијам Нобелова, ќе му ја дадам на Европскиот Совет, вели низ шега Зоран Заев.

Околу дилемите за доделување на датум за преговори во пакет со Албанија, и ризикот тоа да значи одлагање за двете земји, Заев порачува дека по петнаесет години блокада од страна на земја членка на ЕУ, би било многу неправедно Македонија сега да биде блокирана поради земја која не е ни членка на Унијата.

-Свесен сум за проблемите во Албанија, нашиот сосед кого го поддржуваме и кој нѐ поддржува, добро е заедно да одиме напред, ќе се поддржуваме за време на преговорите, но доколку тоа не е возможно, тогаш е подобро една земја да оди напред, најлошо би било двете земји да се блокирани, тоа би била лоша порака и за земјите кои се обидуваат да го продолжат процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ како Босна и Косово и би ги обесхрабрило и Србија и Црна Гора кои веќе преговараат за членство, одговара премиерот Заев.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1