Во Основниот кривичен суд Скопје (оддел за организиран криминал) денеска беа осудени 13 лица од Велес за Трговија со малолетно дете од чл. 418 – г, Силување од чл. 186 ст.2 и за Прикажување порнографски материјали на малолетник од чл. 193 ст.3 од КЗ. С. Д. беше осуден на 5 години и 6 месеци затвор. Д. С. и Д. Н. на казна затвор од 4 години и 6 месеци, Т. И., С. Н. на казна затвор од 4 години, А. Ф., Б. Ф., А. З., Т. Л., Р. В., на казна затвор од 1 години 6 месеци, К. Т., на казна затвор од 1 година и 3 месеци, а обвинетиот Б. К. судот му изрече Условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира ако следните 5 години не стори ново кривично дело.
Осудените се задолжуваат и да ги надоместат судските трошоци за постапката како и трошоците за застапување на обвинетата. Сите се на возраст од 20 до 30 години.
Воедно судот на првите 5 осудени лица им определи мерка куќен притвор до правосилноста на постапката.
За делата беа обвинети 14-мина, а еден од нив го признал делото и Основен кривичен суд Скопје лани на 21 септември му изрече казна затвор од 2 години. Судењето на останатите на 13 лица започна лани на 19 септември. При почетокот на судењето осудените не сакаа да бидат снимани од камерите на медиумите, па дел од нив ја напуштија судницата.
Според Обвинителството првоосомничен е 25 годишен велешанец кој во 2021 година преку „Инстаграм“ воспоставил контакт со 15-годишното девојче, убедувајќи ја дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба направил порнографски материјал, со кој ја уценувал и така ја продавал и проституирал на средби каде присуствувале и другите обвинети. Злоставувањето на девојчето се случувало во станови на различни локации во Велес, каде обвинетите претходно се пијанчеле и се дрогирале.
„Вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал кога ги притворија тогаш осомничените лица.
Во казната на осудените им се пресметува и времето поминато во притвор. Иако сите од нив беа или во затворски или во куќен притвор, со одлука на Апелација им беше укинат и им беа доделени само мерки на претпазливост. Иако на првото рочиште беа донесени со полициски комбиња, денеска дојдоа со своите автомобили.