Обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Кај пет од жртвите обдукциското мислење од Институтот за судска медицина исто така констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина.
Обдукцијата на три од жртвите што починале во текот на лекувањето исто така констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.
Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина за кој рече дека содржи одговори на прашања колкаво присуство во крвта е смртоносно и колку бргу настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколку би биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.
Обвинителството предложи да биде повикано и сослушано вешто лице, кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања што произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.









