Земјите од регионот, во тесна соработка со Европската Унија и нејзините земји членки преземаат чекори за решавање на проблемот со метежот на граничните премини, кој е најизразен за време на летната сезона, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Како што посочи тој, постои подготвеност од земјите членки на ЕУ да покажат флексибилност кон регионот.
Очекуваме во летниот период, кога фреквенцијата е најголема, да се преземат соодветни мерки за намалување на метежот – изјави Муцунски и додаде дека најавите и пишувањата во српските медиуми дека Грција ќе воведе олеснувања за српските туристи, односно дека по примерот на британските туристи, тие ќе бидат изземени од новиот систем за влез и излез (ЕЕС), се политичка естрада.
Она што можеме да го споделиме е, прво – дека имаме разговори и на највисоко ниво и на технички и административни нивоа и исто така дека постои подготвеност од земјите членки на Европската Унија да се покаже флексибилност кон регионот. Сето друго што се чита по медиумите е политичка естрада – изјави Муцунски.
Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) неодамна упати барање до грчкото Министерство за туризам привремено да ја одложи примената на системот ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летната сезона.
Освен за земјите што се надвор од Шенген-зоната, незадоволни од примената на новиот систем се и некои земји членки на ЕУ. Откако Грција привремено ги суспендираше до септември новите правила на ЕЕС за британските туристи, Португалија и Италија се следните популарни туристички дестинации за кои се очекува привремено да ги суспендираат контроверзните нови гранични контроли на ЕУ за да се избегне хаос за време на претстојните училишни распусти, објави „Дејли мејл“. Шпанија, Франција и Хрватска би можеле да го следат примерот. Суспензија на системот бараат и авиокомпаниите.










