Коњско месо е откриено во бургерите од говедина, што се продаваат на територијата на Република Ирска и Велика Британија, соопшти денеска Агенцијата за здрава и безбедна храна во Даблин.
Меленото месо, подготвено за правење бургери (плескавици) е произведено во месната индустрија во Ирска и во фабриката за месни производи во англиската област Јоркшир.
Претставник на Агенцијата во Даблин изјави денеска дека коњското месо не е штетно за луѓето, па затоа и бургерите со вакво месо не е се воопшто опасни за здравјето.
Тој меѓутоа остро го осуди однесувањето на производителите на месо.
– Во културата на Ирците нема место за јадење коњско месо, па затоа најмалку очекуваме да го најдеме во бургерите (од говедина), изјави овој претставник.
Анализата на експертите на Агенцијата покажува дека во бургерите на ирскиот и на британскиот пазар, освен коњско, имало и свинско месо.
Ова откритие предизвика револт кај потрошувачите од муслиманска вероисповест, кој традиционално не јадат свинско месо.
Бургерите помешани со коњско месо се продавани во ирската трговска мрежа, но и преку синџирот самопослуги и супермаркети на британското „Теско“ на исландскиот „Ајсленд“, како и на германските „Лидл“ и „Алди“