Мајка и нејзините седум деца добија 15-годишна затворска казна поради тоа што од ислам ја смениле верата и се преобратиле во христијани.
Надја Мохамед Али била одгледана како христијанка, но пред 23 години ја сменила верата кога се омажила за Мохамед Абдел-Вахиб Мустафа. По неговата смрт, таа планирала да се врати назад кон својата оригинална вера, заедно со останатите членови на семејството.
Во 2004 година семејството се обидело да добие нови лични карти. Според Скај њуз, еден од синовите бил уапсен две години подоцна и признал дека илегално ги сменил документите. Надја, нејзините деца и службениците кои им помогнале во тоа биле уапсени и обвинети.
Кривичниот суд во Бени Суеф, место во централен Египет, минатата недела ги осуди на затворска казна од 15 години. Уште седум лица, кои биле на некој начин поврзани со случајот, добија казни од по пет години затвор.
Активисти за човекови права предупредуваат дека казните претставуваат показател за тоа во кој правец одат нештата во Египет по доаѓањето на исламистите на власт, пренесува „Фокс њуз“.
Христијаните во Египет предупредуваат дека се соочуваат со тешкотии доколку како христијани кои се преобратиле во ислам сега сакаат да се вратат кон првобитната вера. Некои се обидуваат да го сторат тоа со фалсификување документи за што потоа добиваат затворски казни.