Лондонската полиција употреби пиштол со електрошокови, за да го уапси мажот, вооружен со два ножа пред Бакингемската палата, додека голем број туристи ја набљудуваа смената на стражата.
Од Скотланд јард истакнаа дека маж на околу 50 години бил забележан со два ножа пред централниот влез на палатата. Тој не се заканувал на други луѓе, но кога му се приближила полицијата, се однесувал агресивно.
Полицајците го зашеметиле со пиштол со електрошокови и го одвеле во полициска станица, соопштија од Скотланд јард, прецизирајќи дека никој не е повреден во инцидентот.
Според очевидци, мажот бил психички неурамнотежен и се обидел да се самоубие, кога кон него се упатиле група полицајци.
Во моментот на инцидентот кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг принцот Филип не биле во палатата.