Со премиерата на претставата „Одисеја“ во режија на Александар Поповски вчера на Бриони се отвори годинашната сезона на театарот „Улисис“
Станува збор за копродукција меѓу овој театар и театарот „Гавела“ од Загреб, „Српско народно позориште“ од Нови Сад, „Словенско народно гледалишче“ од Марибор, белградскиот „Ателје 212“, „Стериино позорје“ од Нови Сад и „Театарот на навигаторот Цветко“ од Скопје. По премиерата на Бриони, најавено е претставата да се игра во сите овие земји.
– Ова е приказна за нас. Урнавме еден свет, како што ја урнаа Троја, се распадна поредокот што беше дефиниран и цврст. И на тоа застанавме: сега живееме во тие урнатини, а нов свет не успеавме да создадеме – вели Поповски, додавајќи дека е потребно да се редефинира значењето на домот во модерниот свет, кој стана виртуелен, дигитален и отворен.
Текстот е на македонскиот драматург Горан Стефановски, кој го напиша по нарачка токму од театарот „Улисис“, кој годинава слави десет години од формирањето. Во претставата играат актери од Скопје, Белград, Загреб и од Марибор, меѓу кои и Никола Ристановски, српскиот актерски ветеран Ѓуза Стоиљковиќ, како и Светозар Цветковиќ.