Доживотен затвор му се заканува на 42-годишниот маж од градот Сталова Вола, во јужниот дел на Полска, кој во алкохолизирана состојба го фрлил синот од прозорец на стан на четвртиот кат.
Осумгодишното момче претрпело многубројни сериозни повреди, но го преживеало падот од 13 метри, благодарејќи на неколкудневниот дожд кој ја омекнал земјата на тревникот пред зградата.
– Мажот, кому му измеривме два промили алкохол во крвта, најпрво го демолирал станот, ги скршил прозорците и потоа низ еден од нив го фрлил својот малолетен син, информираше обвинителката Бабара Бандигова.
Таа додаде дека за среќа, местото каде што паднало детето било калливо и иако од голема височина сепак останало живо. Сепак, детето се здобило со повреди на мозокот, белите дробови и неколку скршеници и лекарите се борат за неговиот живот.