Во јавните гласила сè помногубројни се огласите во кои се бара партнерка без оглед на нејзината националност и вера
Не, не ми се има јавено ниту една жена од друга нациoналност, можеби ќе се јави во наредните денови, не знам. Мене, верувајте, не ми е важно од која националност и вера е. Најважно е само да се погоди да си одговараме, да биде добра како личност. Инаку, ова е првпат како дадов ваков оглас бидејќи имам голема желба да се оженам и да создадам семејство, раскажува за дневник 22-годишното момче од Скопје, Македонец по националност, кој деновиве во медиумите објавил оглас со кој сака да најде животна партнерка.
– И мене не ми се јави жена од друга националност. Се јавија Македонки, но беа од подалечни градови и не ми одговараше – ни раскажа 54-годишниот Македонец од Охрид, кога му се јавивме на посочениот телефон за да го прашаме за неговото искуство. Тој во огласот потенцирал дека сака партнерката да му биде од подрачјето на Охрид и на Струга, но засега ништо.
Друг огласувач, кој навел дека е млад пензионер, со своја куќа и стан, ни рече дека досега му се јавиле само една Албанка и Ромка.
– Со Албанката и се видов, но не испадна ништо. Мене навистина не ми е важно од која вера ќе биде и од кој народ. Сум живеел десетина години во странство, сум се дружел со различни луѓе и сум видел на најнепосреден начин колку е тоа неважно. Затоа и сега без предрасуди барам жена со која сакам да си го поминам остатокот од животот – рече тој.
Според податоци од Државниот завод за статистика, во 2011 македонско-албански етнички бракови имало само 127, уште е помал бројот на македонско-ромските бракови, чиј број е само 9. Анализата покажува дека девојките-Албанки многу почесто се решаваат да влезат во брак со Македонец. Во тој период се регистрирани дури 112 брака во кои младоженецот е етнички Македонец, а невестата е етничка Албанка. Наспроти нив, етничките Македонки многу поретко се одлучуваат на таков чекор, па имало само 15 брака во кои невестата е етничка Македонка, а младоженецот е етнички Албанец. Младоженци-Македонци, освен со свои сонароднички, најмногу бракови склучиле со Србинки – 107, а Албанците со Турчинки – 40.
Целата сторија на Дневник