Обетки, прстени копчиња и други предмети кои потекнуваат од четвртиот и по четвртиот век, а се од антички римски период се дел од златните предмети кои недостасуваат од Музејот на Македонија.
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Иво Котевски денес информираше дека според нивните сознанија станува збор за 60 предмети кои недостасуваат во збирките кои ги должеле два кустоси, а главно потекнуваат од ископувања од Стоби и Исар Марвинци.
Полицијата вчера извршила разговори со сите вработени во Музејот, а до вторник вработените во Музејот треба да се обидат детално да ја информираат полицијата околу наводите кои им се неопходни за натамошно водење на истрагата.
Вработените во Музејот треба да направат детален попис и да се утврди дали некој од вработените кој имал пристап до депото изнесувал или преместувал некои од вредните предмети во други кутии, бидејќи според МВР во објектот не е влезено насилно.
Котевски вели дека дали и колку се прекршени правилниците за работа во Музејот дополнително ќе се истражува откако до МВР ќе бидат доставени бараните информации.