Со препораки и предупредувања за граѓаните, градот Скопје ќе се справува со нарушениот квалитет на воздухот.
Како што се наведува во соопштението од Градот, препораките даѓаат поради надминувањето на граничните вредности за партикуларните честички во воздухот помали од 10 микрометри (РМ10), а како резултат на загадувањето и временска состојба во Скопската котлина.
Притоа граѓаните се повикуваат да се движат на отворен простор само кога е неопходно, додека малите деца, бремените жени, болните и постарите да не излегуваат на улица и да не ги проветруваат просториите.
Во препораките стои граѓаните да не користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, да се одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови или пестициди, но и да не се користат автомобили без потреба.
„Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси, отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали, возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, во спротивно подлежат на ригорозни санкции, а сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови“, се додава во соопштението, а се повикуват и раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите и да имаат церада при превоз на градежен ископ.
Оние фирми пак кои поседуваат дозволи за дотур на роба од Секторот за сообраќај на Градот, се известуваат дека тие се менуваат и ќе важат во периодот после 18 часот во текот на денот, освен за дистрибуцијата на леб и непастеризирано млеко.
Ваквите препораки се во согласност со известувањата од Министерството за животна средина и просторно планирање и Одлуката за алармантни состојби на квалитетот на воздухот на подрачјето на градот, стои во соопштението.