Непознати напаѓачи киднапирале двајца новинари во украинската автономна република Крим, соопшти организацијата „Репортери без граници“, предупредувајќи дека извршителите на нападот врз медиуми се обидуваат да го претворат регионот во „новинарска црна дупка“.
Новинарката Олена Максименко од весникот „Украински тижден“ (Украинска недела) исчезнала вчера заедно со две активистки од протестите во Киев, кои ја поддржуваат новата украинска власт. Трите жени биле однесени од војници, кои биле без карактеристични белези на нивните униформи.
Новинарот Олексиј Бик од порталот „Главком“, кој го видел киднапирањето на трите жени, бил уапсен на контролен пункт заедно со неговиот возач и фоторепортер. Подоцна Бик бил ослободен, но судбината на другите двајца е непозната.
– Силите кои го контролираат Крим се одговорни за судбината на овие новинари. Се плашам поради постојаното кршење на правата на новинарите на Крим, кој станува место на беззаконие, а се поголемата цензура покажува дека регионот би можел да стане црна дупка за вести и информации, изјави генералниот секретар на „Репортери без граници“, Кристоф Делоар.
– Бараме од луѓето кои го контролираат Крим итно да дадат информација за локацијата и здравствената состојба на киднапираните медиумски работници и веднаш да ги ослободат, истакна Делоар.
Според претставник на ОБСЕ, одговорен за медиумската слобода и кој го посетил Крим минатата недела, проруските власти на полуостровот ги цензурираат медиумите кои не ги поддржуваат и ги малтретираат новинарите.