Друга новина е давање надлежност на извршителите да прибираат материјални докази. Станковиќ сликовито објаснува дека ако, на пример, некој го поплави комшијата, наместо да пријавува во суд и да чека подолго време надлежните службеници да направат записник, ќе може да повика извршител, кој за кратко време ќе ги собере сите материјални докази, ќе ја согледа состојбата, ќе фотографира, па потоа предметот ќе може да се предаде во суд.
Според Станковиќ, на овој начин работата побрзо се завршува, зашто извршителите се помобилни. И оваа надлежност ја имаат извршителите во европските земји, а во Холандија, на пример, собираат материјални докази и при помали сообраќајки наместо полицијата, пишува Вечер.
Во Европа има тренд се што е неспорно да се решава вонсудски. Некаде и спогодбените разводи одат преку нотар – вели тој.
Се очекуваат измени и во делот за продажба на запленетите недвижнини. Се оди на тоа наместо три, да има две лицитации, а на втората наместо за една третина, цената на недвижнината да се намали за една четвртина. Станковиќ вели дека со ваквото решение ќе се зачува вредноста на недвижнината, зашто наддавачите веќе нема да ја чекаат третата лицитација за да купат по пониска цена и висината на обесштетувањето ќе биде поголема.
Извршителите лани од граѓаните и фирмите-должници наплатиле 127 милиони евра, а билансот на наплата бил околу 30%. Годинава извршителите очекуваат да го урнат сопствениот рекорд во поединечна наплата. Ако досега највисоката вредност на наплатен предмет била 9,5 милиони евра, деновиве извршител од Штип спроведува постапка за наплата на долг вреден 10 милиони евра.